Љупчо Јолевски – ВРЕМЕ Е ЗА ЏЕЗ!

  1. СКОПСКИ ЏЕЗ ФЕСТИВАЛ

 

ВРЕМЕ Е ЗА ЏЕЗ!

 

Премиерните перформанси на Роб Мазурек и неговите EXPLODING STAR ORCHESTRA и NEW FUTURE CITY RADIO, Хамид Дрејк со омажот посветен на легендарната Алис Колтрејн, триото на бразилскиот пијанист Амаро Фреитас, гитаристката Мери Халворон и THUMBSKREW, норвешкиот басист Ингербигт Хакер Флатен со проектот „Knarr“ … ја чинат сцевината на годинешното 41 издание на Скопски џез фестивал, концепциски едно од нагласено авангардните во историјата на манифестацијата

 

Почетокот на 41 Скопски џез фестивал, сосема случајно, се погоди во ист ден со обелоденувањето на новиот конкурс на Министерството за култура за проекти од национален интерес што би требало да се случат во наредната 2023 година. Со она што е сржта на делувањето на оваа државна институција, но која, патем, со години наназад не поминува без трауми. Со скандали, жалби и поплаки. И, потем со вообичаеното кратење на предвидените суми. Дури во последно време и со закани „пази како се однесуваш оти…“ … или „појаснување“ … дека уметниците, оние кои ја продуцираат живата култура, треба речиси сами се да си обезбедат а дека Министерството е тука само „малку да помогне“. Значи, со примена на „растегливите критеруми“ за она што го решиле комисиите – или некој друг со своите „сугестии“. Оти нели е криза. Економска, политичка и најмногу духовна. И, кога тоа ќе ви го кажат оние што буквално заталкале во културата а за чудо го имаат сатарот, тогаш нештата се повеќе од јасни. Од таму не чуди што истиот тој ден Министерката толку се сплетка на средбата со новинарите при одговорот на прашањето „кои се проектите зад кои во изминатава година застана министерството“ што навистина е реалната слика за состојбите во оваа област која треба да биде, меѓу другото, една од клучните во зачувувањето на нашиот и не само културен идентитет во времето и на овој простор.

А, замислете истата таа вечер во Националната опера и балет започна 41 Скопски џез фестивал, еден од неколкуте кои со децении се високо позиционирани во глобални рамки, не поради парите што ги има за негова реализација туку едноставно поради бескомпромисната програма и идејата водилка во градов да музицираат и да ги видиме најпрогресивните глобални творци со нивните актуелни или далекумислечки изблици. И, овде треба ли и во оваа прилика да се нагласи дека Министерството за култура е најистурениот спонзор на манифестацијата. Нормално, госпоѓата Министерка, како и некои други вршителите на оваа функција наназад, таму се најде „протоколарно“ и потем поради „презафатеност“ ја снема. Таа завршила со „отворањето“.  И, со Фестивалот годинава. А, богами освен големиот вовед ќе имаше можност да види повеќе концерти и проекти, кои грижливо и посветено подготвувани преку целата година, од Скопје и во оваа пригода направија буквално една од само неколкуте светски музички, па ако сакате и културни метрополи. И, најважно ќе ги разбиеше сомнежите околу тоа „каде одат парите на граѓаните“ и дали е умесно да се крати и да се пазари со оние кои ја промовираат Македонија надалеку во светот како Лулка на културата и место кадешто секогаш се добродојдени со нивната имагинација и виртуозност. И, толку но сосема доволно за државата во која политиката си игра дрндупки со се* и посебно со културата во која поодамна е одомаќинет двојниот, тројниот… аршин.

И се разбира „за третманот“.  Боли, ама таква е реалноста.

А, од 13 до 16 октомври, на македонската културна сцена и се случи уште едно бележито издание на Скопскиот џез фестивал. И, не само како потврда на стекнатото реноме во светот, туку уште повеќе како доказ дека Фестивалот оправдано си зема слобода да ги предизвика времето и просторот со својата смелост за стамен квалитативен исчекор во нив. Да предничи со вербата во идејата водилка од децениите наназад, но и со сопствената дрскост да креира простор за новите и оние кои стремат кон напредните, современите, авангардните звучни визии. Значи да едуцира и отвора нови врати за спознанието. Згора да биде во дослух со актуелните случувања и ненормалности во светот во кој живееме, свет на војни и бегалски кризи, да ја афирмира локалната сцена и да ги едуцира оние на кои им ја оставаме несовршеноста и ранливоста од нашите единствени животи.

Нормално, за тоа треба многу, многу, многу работа (што е малку својствено за просторов и времето овде и сега) и …постојаност во вербата наспроти сите локални нелогичности и непогодностите што ќе се исправат на патот.

Програмски, пак, 41 издание на Скопскиот џез фестивал главно помина во знакот на култниот американски музички уметник, композитор, диригент, трубач, визуелен автор и централна фигура  на чикашката авангардна сцена од средината на 1990-те – Роб Мазурек. Во случајов со премиерите на двата исклучителни проекти, оној реализиран на отворањето на манифестацијата на 13 октомври во Националната опрера и балет, со неговиот EXPLODING STAR ORCHESTRA и (европскиот) FAMES SHAMBER ORCHESTRA, составен од дваесеттина македонски музичари, инструменталисти како Кирил Кузманов, Јане Бакески, Марија Димитриевиќ…, и две вечери подоцна со концертот на NEW FUTURE CITY RADIO, дуото што како исклучително немирен дух склон на различни колаборации го има формира со Дајмон Локс (глас, електроника, семплови)   во Младински културен центар.

Значи најнапред, во организациски исклучително напорниот проект – што подразбира неколкумесечни подготовки, Мазурек со огромната екипа врни музичари крај себе ( Анџелика Симпсон – пијано, Пасквале Мира – вибрафон, Џош Абрамс – бас, Чад Тејлор – тапани…), во скоро два часа магија за публиката ја распосла својата звучна визија во која толку органски се допираат Гил Еван и Бела Барток, Фелдман и Диксон, Сан Ра и THE ART ENSEMBLE OF CHICAGO… Со толку многу посветеност, енергија, умешност, трпеливост, потстрек ни долови свет и универзум без граници во кој слободата да се твори и импровизира, чекори напред, е единствената творечка и хуманистичка, општочовечка цел.

А, во МКЦ пак, некаде во очекување на неделното скопско утро, тој си даде слобода да го ослободи ѕверот во себе и заедно со Локс и специјалниот гостин – перкусионистот Маурицио Такара, низ светогледот на една имагинарна пиратска радио станица, ранливо да исчекори во иднината. Во некое ново „пост, пост…“ време кое ќе бара многу напори и крици за опстанок и лебдење во просторот ограден со бодликава жица. И, да неговата труба звучеше и толку моќно и толку ранливо.

Роб, искрено ти благодариме за авантурите во кои толку умешно и со почит не водеше!

Овде некаде во близина е и концертот на исклучителниот американски тапанар, перкусионист, вокалист… Хамид Дрејк посветен на Алис Колтрејн, афроамериканската активистка, композиторка, органистка, пијанистка, харфистка, автор на неколку книги, духовен водач и сопругата на легендарниот Џон Колтрејн која во ниту еден момент не се нашла во неговата сенка. Музичарот што имал среќа да ја запознае на 16 години и потем да има долги преписки со иконата, која своевремено била духовен гуру на многу музичари од различни генерации, со врвната екипа на интернационални собеседници на сцена со леснотија ни покажа дека „некои омажи се поголеми од другите“. Во таа негова намера драгоцена беше помошта од екипата на интернационални уметници како Сузана Сантош Силва,  Португалката  која се смета за еден од најдобрите европски трубачи во моментов и пред која е сјајна авторска кариера и која токму со Дрејк и Јан Банг задолжен за електрониката ја видовме и чувме пред неколку години на СЏФ, пијанистот Џејми Сафт, погоре споменатите Мира и Абрамс,  како танчерката и глас Ндохо Анге. Се разбира сите заедно инспирирани од маркантното дело на Алис Колтрејн, креирајќи ја својата визија на современиот спиритуален џез, како творци, како уметници кои ја имаат силата да говорат за универзалната вистина во овој искриволкочен свет не поведоа по патот до сознанието за себе. И, можноста да се избега од рамките кои ја гушат индивидуалноста и слободата.

Нешто подоцна, на 14 октомври, во Дансингот на МКЦ, најупорните не ја пропуштија можноста да другаруваат со новото моќно „ноис, фанк, рок, арт…“ француско трио ABACAXI и креаторите на овдешниот „непослушен, непримерен, недефиниран, небезбеден…џез“ – македонскиот квартет TAXI CONSILIUM..

Во час и половина гитаристот Џулиан Депре Франсоа, басистот Жан Франсоа Рифо и тапанарот Франческо Пастакалди, како „класично рок трио“, опкружени со бројните педали околу себе, со многу енергија ја разложија својата интензивна, наелектризирана и бучна стварност потпрена на се* и сешто. Нивата „структурална музика“  следена од светлосните ефекти што сами ги креираа додека се извиваат на сцена никого не остави рамнодушен. За некои беше повод за изгон на лошите духови од себе, а за останатите „непријатност“ што тера да го посетите шанкот или да скокнете долу на цигара.

Од друга страна, гитаристот Филип Букршлиев, Благојче Томевски на бас кларинет, Андреа Мирчевска на контрабас и Драган Теодосиев на тапани ( музичари кои през годиниве можевте да ги видите и во триото на Бука, COBALT CODE UNIT, JORDAN KOSTOV QUINTET/ENSEMBLE, FIGHTING WINDMILS , SVETLOST+ODRON RITUAL ORCHESTRA, ПИЈАН СЛАВЕЈ…) едноставно и со многу свиречка експресивност, шарм и мангуплак, го свртеа својот филм сочинет од слушлива субверзивност која ви се вовлекува под кожа и ве тера да му се радувате на нивниот мангуплак при секоја идна средба. И, тоа барем мене лично, до идниот нивни перформанс ми беше (е) повеќе од доволно.

Во саботата, на 15 октомври, пак, во НОБ најнапред публиката ја разгали младиот, но извонреден бразилски пијанист и за мнозина веќе „светска џез икона“ – Амаро Фреитас. Тој со неверојатна леснотија, придружуван од контрабасистот Жан Елтон и францускиот тапанар Франсоа (кој, за чудо по прв таа бечер беше на сцена со нив), не само што го претстави својот уникатен стил на изведба ( базиран на музиката на североисточен Бразил, онаа на Хермето Паскоал – чиј концерт во Универзална сала во Скопје сеуште се прераскажува, Паркер, Монк, Колтрејн и нам добро познатиот Чик Кориа), по воведот со одбрани композиции од првите две објави,  на сјаен начин не воведе во сопствената „духовна потрага по заборавените приказни и митови на т.н „црн Бразил“ забележани на неговата трета одлична плоча – „Sankofa“. Посеа топлина околу себе својствена само за некој кој ја почувствувал суровоста и горчината на израснување во сиромашните квартови, фавелите, на родниот град Ресифе.

И, по него, втора година по ред, на сцената го имавме шведскиот трубач, композитор, аранжер и продуцент со хрватско потекло – Горан Кајфеш. Овојпат со сопствениот SUBTROPIC ARKESTRA во кој се врвни тамошни музичари и музиката од многуфалената и наградувана трилогија „The Reason Why“, едно кроскултурно издание во кое се испреплетуваат ерменскиот фолк, балканскиот бит, турскиот приходеличен фанк, бразилската музика, етиопските звуци, влијанијата од култниот Сан Ра… Несомнено беше забавно и игриво за поголемиот дел од присутните желни една поинаква  стварност.

И, конечно , во неделата на 16 октомври, повторно во НОВ, едноподруго имавме прилика да ги проследиме перформансите на „гордоста на бруклинската авангардна џез-сцена“- триото THUMBSCREW  и денес еден од најзначајните контрабасисти на глобалната импро сцена денес – Ингебригт Хакер Флатен со неговата норвешко-данска екипа која го развива проектот „Knarr / Exit“.

Мери Халворсон, за мнозина една од најзначајните гитарски пројави на актуелната авангардна светска џез сцена, контрабасистот Михаел Форманек и тапанарот Томас Фуџивара, или заедно THUMBSCREW, прославувајќи ја првата декада од своето заедничко делување пред македонската публика ја донесоа музиката од седмиот студиски албум „Multicolored Midnight“. Донесоа жива, отворена, духовита и не помалку амбициозна звуковност, една творечка хемија која им доликува само на оние чиј пристап се потпира на искреноста и взаемното уживање од средбата. Од можноста да се патува во со ништо неусловениот музички универзум.

Инаку, Халворсон и Фуџивара се по прв пат на Фестивалот, но не и во Скопје. Како исклучително драги соработници на нашиот Крсте Роџески и инструменталисти чии имиња можете да ги сретнете и на неговите објави, тие пред епидемијата беа во екипата на неговото прво големо концертно претставување во татковината. Непроценливо.

И, овде некаде точка на серијата несекојдневни музички случувања што со себе ги донесе 41. Скопски џез фестивал стави Хакер Флатен со својата дружина во која се енергичната алт саксафонистка Мете Размусен (чиј соло рецитал од пред неколку години сеуште одѕвонува во ушите на редовните следбеници на манифестацијата), бас кларинетистот и тенор саксафонист Атле Нимо, тубачот Ерик Киместад Педерсен, тапанарот Олаф Олсен, Јоаким Рајнер Петерсен на пијано и американскиот гитарист Џонатан Ф. Хорни. Тие следејќи авторовата сторија за бродот Knarr изграден во Скандинавија некаде во 1000 година кој што се користел за пловидба по светот, се обидоа да ги доловат неговите импресии и богати искуства низ различните жанрови и традиции во текот на неговата долга и импресивна кариера. Да маневрираат  во просторот омеѓен со џезот, музиките на светот, психоделичниот рок…  да не потсетат на неговите талкања низ различни хоризонти и градови како Чикаго, Остин, Амстердам, Трондхајм… и потрагите со поставите како THE THING , ATOMIC, FREE FALL, SCORCH или соработките со Џо Мекфи, Еван Паркер, Хакон Корнстад… И, по светската премиера на Vossa Jazzfestival лани во септември, Хакер Флатен со својот актуелен албум пристигна и кај нас за да не поведе кон пронстранствата кои допрва во секого од нас чекаат да бидат освоени. Единствено доживување.

Инаку, годинешниот Скопски џез фестивал ги задржа сите и досега презентирани квалитативни и препознатливи програмски атрибути. Воведот беше сторен со прикажувањето на филмот „Sumer of Soul“ на Амир „Квестлав“ Томпстон посветен на The Harlem Cultural Festival, еден епски настан што ја прослави афроамериканската историја, култура и мода што се одржа летото 1969 година во паркот „Маунт Морис“ (денешен „Маркус Гарви“), на само сто милји јужно од прославениот Вудсток. Тогаш таму настапиле Стиви Вондер, Нина Симон, STAPLE SINGERS, Махалија Џексон, Би Би Кинг, Sly and THE FAMILY STONE… а делото на Квестлав базирано на долго скриени архивски материјали освои голем број награди, меѓу кои и Оскар за најдобар документарен филм и Греми за најдобар музички филм. Потем на триото ZULU 3.4 им беше доделена наградата за Најдобар млад македонски џез состав по што Дамјан Даневски, Марио Симоновски и Мартин Џорлев одржаа концерт во МКЦ, една од вечерите на Фестивалот по четврти пат беше дел од хуманитарната акција на UNHCR – Jazz For Solidarity With Refugees која овојпат во центарот на своето внимание ја има новата „армија“ од дузина милиони бегалци и раселени лица поради  војната во Украина, а по прв пат беше одржана и работилница за деца за нивна едукација во свирењето тапани зад која застанаа Гоце Наумов од NEXT TO SILENCE и Марјан Станиќ, познат по соработката со ФОЛТИН.

И, по се* и во случајов одличен плакат ( по вторпат автор Таби Азири – нашиот гостиварец со бележита кариера во Холандија) и промотивен материјал на Ебру Али, а во приказната за годинешното издание со своето перо исчекори и професорот, поетот, музичарот Владимир Мартиновски чија песна „За Алис Колтрејн“ стана лајт-мотив на промоцијата на годинешниот Фестивал.

 

За Алис Колтрејн

 

Со векови ветрот упорно

ни шушти:

Грабнете гитари,

баталете пушки,

Со харфи и труби

милувајте души,

Со флејти и конги терајте

си журки.

 

Со векови реката слухот

ни го гали:

Песната секој бол знае

да го смали,

Кога надоле сè ве влече

и мами

Нагоре итајте по музички

скали.

 

Време е за џез!

 

А, по сево ова повторно да се навратиме на видливоста на манифестацијата во дадениве услови на нашево живуркање. Точно е дека Скопскиот џез фестивал низ годиниве наназад, како една од најзначајните културни манифестации што се случуваат во земјава и што говорат за нашата поставеност во цивилизираниот свет, не бил оставен без помош од државата. Конечно, со или без кавги и расправии за она што го добива а несомнено заслужува, не само што опстојува и во невреме туку наоѓа и сили да се издигне над обичноста на фестивалската практика така позиционирајќи се во еден од петте со најавангардна програма на глобално ниво. И, тоа е само поради умната и константна политика да се промовира далекусежноста над комерцијалноста. Значи, оние што го потпишуваат знаат и умеат. И, имаат нерв и големи топки тоа да го истуркаат во стварноста. Арно ама, за сето досега сем тапкање по рамото и многу повеќе завидливост и пизма и не добиле на сопствената адреса. Звучи чудно, но Скопскиот џез фестивал досега има добиено само едно општествено признание – Повелба на Република Македонија за исклучителни резултати за три децениското организирање на оваа врвна меѓународна музичко-сценска манифестација и за презентација на македонското и светското музичко творештво што во 2012 година му ја додели Претседателот Ѓорѓе Иванов. И, толку.

Како свесно да забораваме дека Скопскиот џез фестивал е еден од неколкуте во светот за кои музичарите од сите страни на светот говорат само со одбрани зборови и благодарности. И признаваат дека е привилегија да се биде дел од програмата што ја потпишуваат Оливер Белопета и Костадин Шурбановски.

 

Љупчо Јолевски

Music from A to Z
Овој сајт користи колачиња за да Ви понуди поквалитетни искуство на користење. Со пристапување на нашиот сајт Вие се согласувате за наше користење на колачињата.